Тренерот на Работнички, Владимир Мирковски, упати голема благодарност до навивачите на клубот, особено до верните „Сити Парк Бојс“, по атмосферата и поддршката што ја имаше тимот на последниот натпревар, против МКК Куманово во неделата во Градски парк.
На противничката трибина беа присутни и гостински навивачи што придонесе за атмосфера каква ретко има последниве години во Македонија.
„Полна сала и две навивачки групи се нешто што ретко се гледа во македонската кошарка. Атмосферата беше фантастична и вистинско уживање беше да се игра во таков амбиент“, порача Мирковски.
Стратегот на 15-кратниот шампион истакна дека е особено благодарен за поддршката од навивачите, кои уште еднаш покажале дека се шестиот играч на тимот. Според него, енергијата од трибините им дава дополнителна сила на кошаркарите и претставува значаен мотив во текот на натпреварите. Воедно, тој испрати и повик до навивачите да продолжат да го поддржуваат клубот и на следните натпревари, со желба салата повторно да биде исполнета, а атмосферата на трибините да потсетува на најдобрите денови на македонската кошарка.
„Продолжете да бидете со нас, наполнете ја салата на секој натпревар и бидете нашиот ветер в грб! Нам ни значи секој ваш глас, секој аплауз и секоја поддршка. Заедно можеме да направиме големи работи и да ја вратиме вистинската кошаркарска атмосфера на трибините“, порача Мирковски.
По четири одиграни кола, Работнички е со максимален ефект и на првото место на табелата. Следниот меч го има в сабота во „Јане Сандански“, против актуелниот вицешампион Скопје.


