Женската кошаркарска репрезентација на Македонија влегува во нова етапа, која освен нов селектор во Виктор Петровски, ќе донесе драстични промени и во играчкиот кадар.
Националниот тим останува и без пет кошаркарки кои во изминатите години беа дел од сениорската селекција.
Репрезентативната кариера ја завршуваат Анџелика Митрашиновиќ, Александра Стојановска, Мерит Хемпе, Ивана Кметовска и Илина Селцова. Нивното повлекување означува крај на еден период за женската репрезентација, во кој тие имаа можност да го носат дресот со националните обележја и да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.
Од Кошаркарската федерација на Македонија упатија благодарност до петте кошаркарки за сè што направиле за националниот тим, нагласувајќи дека настапите за репрезентацијата носат посебна чест, но и големи обврски, одрекувања и одговорност. Годините поминати во националниот дрес, вложениот труд и искуството што го споделиле заслужуваат признание, без оглед на резултатите што ги остварувала селекцијата.
Со заминувањето на поискусните имиња, но и со отсуството на дел од кошаркарките кои во моментов настапуваат или се школуваат во Соединетите Американски Држави, Македонија се соочува со потребата од значително подмладување на составот.
Тоа особено ќе дојде до израз во ноемврискиот квалификациски прозорец, кога на располагање ќе бидат млади кошаркарки, од кои дел допрва треба да стекнат поголемо искуство на сениорско меѓународно ниво.
Пред новата генерација претстои сериозен предизвик. Талентот и енергијата на младите играчи се важен предуслов за напредок, но за создавање конкурентна репрезентација ќе бидат потребни континуирана работа, трпение и време. Искуството што го носеа досегашните репрезентативки нема да може да се надомести веднаш, па периодот што следува ќе биде важен тест за тимот и за неговиот развој.
Петровски веќе разговараше со дел од кошаркарките на кои смета во иднина, а претстојната недела ќе го објави поширокиот список на играчи за претстојните дуели против Романија во Букурешт и Естонија во Штип.


