Новиот член на елитната конкуренција Струмица го направи најголемото изненадување оваа сезона во Суперлигата откако вечерва на домашен терен го совлада шампионот МЗТ Скопје.
Струмичани пред своите навивачи славеа со 87-79 шѕо е сензација во секој поглед и покрај тоа што МЗТ Скопје не беше комплетен поради неиграњето на капитенот Дамјан Стојановски кој има пукнато ребро и ги пропушти последните три мечаМЗ. Натпреварот беше решен во последната четвртина која домаќинот ја доби со 23-15, истата разлика со која заврши мечот.
Шампионот подобро го почна натпреварот и во петтата минута ги достигна највисоките +8 (17-9), но тоа беше се од него на овој меч. Струмица брзо се консолидира и до крајот на четвртината ја достигна негативата, па по десет минути игра беше 26-26. МЗТ го задржа водството и во голем дел од вториот период, но Струмица сепак замина на голем одмор со водство од 47-44.
Третата четвртина помина во израмнета игра, двете екипи се менуваа во водство, МЗТ беше во игра до средината на последниот квартал, а потоа почна пеколниот финиш на домашната екипа. По 67-70, Струмица направи серија од 13-0, на 100 секунди пред крајот ги достигна највисоките +12 (87-75) и мирно го приведе мечот кон крајот. МЗТ немаше сили ни да ја загрози победата на Струмица.
Американските кошаркари ја предводеа Струмица до победата, постигнувајќи 66 од вкупно 87 поени на тимот. Најефикасен беше Џејкобс со 29, Крафорд додаде 21, а Херис 16. Војдан Стојановски, сега во улога на капитен, го предводеше МЗТ Скопје со 17 поени. За актуелниот шампион ова е четврти пораз во низа, сметајќи ги сите натпреварувања, а веќе в недела на домашен терен игра со Пелистер.


