Работнички е единствениот непоразен тим во досегашниот тек од кошаркарската Суперлига и заслужено се наоѓа осамен на врвот на табелата. Скопскиот тим одлично ја отвори новата сезона и по четири одиграни натпревари има максимален учинок од четири победи.
Тимот од Градски парк досега ги совлада Струмица (92-85), Тиквеш (86-70), Пелистер (91-87) и МКК Куманово (70-63), па со осум освоени бода е на првата позиција.
Најголемиот конкурент, шампионот МЗТ Скопје синоќа го претрпе првиот пораз во сезоната на гостувањето кај Струмица (79-87). Екипата од Аеродром и Кожув имаат по седум бода, односно еден помалку од лидерот Работнички.
Токму затоа стартот на Работнички добива дополнителна тежина. По разочарувачката претходна сезона и борбата за опстанок, 15-кратниот шампион на Македоонија повторно покажува конкурентност и засега е единствениот кој нема почувствувано горчина на пораз во новото првенство.
Сепак, вистинските предизвици за Работнички допрва доаѓаат. В сабота гостува кај вицешампионот Скопје, потоа го пречекува Кожув и се среќава со МЗТ Скопје, ТФТ и Штип.


