Адем Мекиќ и официјално е нов кошаркар на МЗТ Скопје! Македонскиот репрезентативец се враќа во Аеродром и ќе биде ново засилување за актуелниот шампион, кој добива добро познато и значајно име во своите редови.
Мекиќ е добро познат на навивачите на „металците“, со оглед на тоа што во минатото со голем успех го носеше сино-белиот дрес и со МЗТ освои пет шампионски титули и три Купа на Македонија. Член на актуелниот шампион беше од 2014 до 2017 и од 2020 до 2023 година и учествуваше во остварувањето на бројни успеси, како и настапите во АБА лигата.
Станува збор за кошаркар кој може да покрива повеќе позиции во бековската линија, а неговото искуство, борбеност и познавање на клупската средина ќе бидат дополнителен квалитет за составот од Аеродром. Покрај МЗТ, тој има и интернационално искуство, преку настапите во романскиот Темишвар, хрватскиот Задар со кого освои две шампионски титули во Хрватска и косовска Бора.
Од почетокот на оваа сезона, Мекиќ настапуваше за МКК Куманово и беше најдобар играч на овој тим, а сега повторно ќе го облече дресот на МЗТ, со кој ќе се обиде да продолжи да освојува трофеи.
Неговото доаѓање е прва значајна вест за составот на МЗТ во период кога клубот се раздели со тренерот Васко Атанасов. Аеродромци така добиваат искусно засилување, а во наредните денови се очекуваат и информации за новиот шеф на стручниот штаб.


