Натпреварот меѓу Работнички и МКК Куманово, освен со случувањата на теренот, доби продолжение и преку дисциплинските одлуки. Двата клуба се санкционирани со парични казни за инциденти поврзани со навивачите, фрлање предмети, но и технички грешки на кошаркарите и клупите.
Вкупната сума која треба да ја платат двата клуба изнесува 148.800 денари по повеќе основи, но најголем дел од овој износ оди на однесувањето на навивачите. Работнички ќе мора да плати вкупно 82.400 денари. Клубот доби казна од 30.000 денари за плукање на службени лица и уште 30.000 денари за фрлање тврди предмети, дополнително, Говенс е казнет со 6.400 денари за две технички грешки, додека Фатјон Реџа е казнет со 16.000 денари по пријава од службено лице за неспортско однесување кон публиката.
Ниту МКК Куманово не помина без санкции. Кумановци ќе треба да издвојат вкупно 60.000 денари, по 30.000 денари за плукање на службени лица и за фрлање тврди предмети, а покрај тоа, Стефан Фундиќ доби парична казна од 3.200 денари за техничка грешка и уште толку поради техничка грешка досудена на клупата.
Двата клуба и претходно оваа сезона беа казнувани поради однесувањето на навивачите, па ќе мора да преземат нешто за да не се повторат овие сцени. Мора, сепак, да се истакне дека, со исклучок на инцидентите, фановите на Работнички и МКК Куманово направија одлична атмосфера во Градски парк.


