Васко Атанасов ја заврши својата тренерска приказна во МЗТ Скопје на начин што ретко кој може да го повтори – без ниту едно загубено финале (натпревар или серија) и со освоени трофеи во сите домашни натпреварувања во кои се бореше со „штрковите“.
Неговото заминување беше потврдено денеска, откако клубот соопшти дека спогодбено ја прекинува соработката со стратегот кој го презеде тимот во 2023 година. Така заврши еден исклучително успешен период, во кој Атанасов се промовираше во најтрофеен тренер во историјата на МЗТ Скопје и еден од најтрофејните во македонската кошарка.
Во овие 3,5 години, 32-годишниот струмичанецот ги освои сите можни трофеи кои можеше да ги освои во Македонија: четири шампионски титули во домашното првенство (2023, 2024, 2025 и 2026), три Купа на Македонија (2024, 2025 и 2026) и четири Суперкупа (2023, 2024, 2025 и 2026). Тоа се вкупно 11 трофеи, а особено впечатлив е податокот дека во ниту едно финале не доживеа пораз.
Последниот трофеј го освои на 26 септември годинава, кога МЗТ Скопје во драматична завршница го совлада МКК Куманово со 70-68 и го подигна деветтиот Суперкуп во клупската историја. Во шампионатот, пак, последната титула ја освои во мај, кога МЗТ го совлада Маџари со 3-0 во финалната серија и стигна до 13. шампионска круна во клупската историја. Со тоа беше заокружена уште една сезона во која аеродромци ги освоија домашните најважни трофеи.
Атанасов заминува и со посебно место во историјата како најмладиот тренер кој стигнал до шампионска титула во македонската кошарка. На клупата на МЗТ пристигна во 2023 година, а за нешто повеќе од три години успеа да освои трофеи во сите три домашни натпреварувања – првенството, Купот и Суперкупот. Со четири шампионски титули во македонското кошаркарско првенство, Атанасов е на второто место, зад Марин Докузовски кој има седум, но ниеден стратег со толку успеси не може да се пофали дека имал максимален ефект во финалните дуели од сите домашни натпреварувања во кои учествувал.
Разделбата дојде по првиот пораз на МЗТ во домашното првенство сезонава, на гостувањето кај Струмица, по што двете страни спогодбено ја прекинаа соработката. Тој пораз беше четврти во низа за шампионот, но прашање е дали вината за лошата серија лежи само кај Атанасов или и кај раководството кое не направи доволно конкурентна екипа која би се натпреварувала во исто време на три фронта.


