Кошаркарите на Штип ја прекинаа негативната серија и стигнаа до првата победа во Суперлигата во својата историја.
Во рамките на петтото коло, тимот предводен од Марјан Србиновски ја совлада Струмица со 87-81 на домашен терен и по четирите порази дојде до првиот триумф.
Штипјани уште од почетокот покажаа дека се решени да стигнат до посакуваниот резултат. Првата четвртина ја добија со 15-11, а во продолжението од првото полувреме успеаја да изградат и осум поени предност (31-23). Домашните во еден момент водеа и со 36-28, но Струмица се врати во игра пред паузата, па на одмор се замина со минимална предност за Штип (40-37).
Гостите продолжија да притискаат и на стартот од вториот дел, кога се доближија на само еден поен негатива (39-40). Сепак, домашниот состав не дозволи пресврт, повторно ја презеде контролата и преку тројката на Костоски стигна до највисоките девет поени разлика (63-54). Струмичани одговорија и пред последната четвртина ја намалија негативата на 65-61. Одлуката за победникот падна во воведните минути од последниот период. Штип повторно се одлепи, поведе со 71-61 и ја презеде контролата врз резултатот. Струмица немаше сили за уште еден камбек, па домаќините мирно ја сочуваа предноста за заслужена победа од 87-81.
Најефикасен во победничкиот тим беше Димчевски со 20 поени, шест скока и три асистенции. Караколев и Хамилтон постигнаа по 19 поени, а Хамилтон дополнително подели и девет асистенции. Пал придонесе со 17 поени и пет скока, додека Костоски средбата ја заврши со 12 поени.
Кај Струмица најрасположен беше Џејкобс со 19 поени, седум асистенции и четири скока. Д. Пандев запиша дабл-дабл со 18 поени и 10 скока, Херис додаде 15, Коцев 11, а Крафорд натпреварот го заврши со 10 поени и осум скока.


