Виктор Вембанјама продолжува да ја потврдува својата суперѕвездена класа во НБА лигата. Францускиот центар одигра фантастичен натпревар и со 43 поени го предводеше Сан Антонио до победа над Минесота од 121-111.
Вембанјама беше незапирлив на двете страни од теренот, а средбата ја заврши со 43 поени, седум скока, шест блокади и четири асистенции. Шутираше 17/34 од поле, а трипати беше прецизен од линијата за три поени.
За него ова беше десетти натпревар во регуларниот дел од сезоната со најмалку 40 поени, а 11. во кариерата ако се сметаат и плејоф-настапите. Посебно впечатлив беше моментот кога најпрво го блокираше обидот на Џонатан Куминга за три поени, а потоа истрча во контранапад и реализираше атрактивно забивање.
Одлична поддршка доби од Дилан Харпер, кој постигна 25 поени и подели шест асистенции, додека Деарон Фокс придонесе со 22 поени. Кај гостите најрасположен беше Ајо Досунму со 27 поени и девет скока. Џонатан Куминга и Џејден Мекдениелс постигнаа по 19 поени. Вембанјама го привлече вниманието и пред натпревварот кога во арената се појави со оригинална маска, по повод Ноќта на вештерките.
Минесота настапи без своите двајца важни стартери, Ентони Едвардс и Руди Гобер, што дополнително ја отежна задачата на гостинскиот тим.
Иако „волците“ во вториот период успеаја да направат пресврт и да стигнат до предност по серијата од 16-0, Сан Антонио ја презеде контролата по паузата. Домаќините го отворија третото полувреме со серија од 13-4 и потоа не дозволија изненадување.
За Спарс ова беше четврта победа по ред, со која продолжија да го градат одличниот моментум на почетокот од сезоната.
РЕЗУЛТАТИ:
Јута – Портланд 90-112
Шарлот – Филаделфија 104-109
Њу Орлеанс – Атланта 121-99
Сан Антонио – Минесота 121-111
Милвоки – Кливленд 111-136
Мемфис – Сакраменто 136-105
Хјустон – Оклахома 119-98


