По четири натпревари без победа, кошаркарите на МЗТ Скопје конечно имаа причина за задоволство. „Металците“ на домашен терен го совладаа Пелистер со 74-60 и се вратија на победничкиот колосек во домашното првенство.
Триумфот доаѓа во важен момент за актуелниот шампион, кој во изминатиот период се соочи со резултатска криза, но и со промена на тренерската позиција. По разделбата со Васко Атанасов, тимот денеска го предводеше досегашниот помошник Дејан Србиновски, кој имаше успешно деби во новата улога.
МЗТ уште во првите 20 минути постави цврста основа за победата. Домашниот состав ја доби почетната четвртина со 22-13, а на паузата замина со предност од 11 поени (42-31).
Битолчани не се предадоа и во третиот период успеаја да ја намалат негативата, приближувајќи се на само седум поени разлика. Сепак, домаќините навреме одговорија, не дозволија Пелистер дополнително да се закани и во последната четвртина ја потврдија својата супериорност за конечни 74-60.
Лука Стојановски беше најрасположен во редовите на МЗТ со 18 поени, Војдан Стојановски придонесе со 13, а Е. Крајниќ додаде 12. Кај гостите, Димитриев беше најефикасен со 12 поени.
Натпреварот донесе и уште една новина во составот на скопјани – своето деби го имаше новото засилување Адем Мекиќ, кој повторно го облече дресот на МЗТ. Пред шампионот е гостување во Полска, кај Џики Варшава во петтото коло од ФИБА Европа купот.


