Кошаркарите на МКК Куманово ја продолжија успешната серија на домашен терен, откако со убедливи 91-74 го совладаа Кожув во натпревар од петтото коло во Суперлигата.
Домаќините уште од самиот почеток покажаа дека се решени да ги освојат бодовите. Со агресивна игра во нападот и цврста одбрана, МКК Куманово експресно направи голема разлика, па по првата четвртина имаше предност од 31-15. Добрата игра продолжи и на стартот од вториот период, кога резултатот достигна и плус 20 (35-15).
Кожув се обиде да најде одговор на налетот на противникот, а најмногу надеж му даде Бурис, кој во тој период беше особено расположен за игра. Гостите успеаја делумно да ја намалат негативата, но на полувремето заминаа со сериозен дефицит од 17 поени (51-34).
Секој обид за камбек на гевгеличани беше запрен веднаш по паузата. МКК Куманово отвори со серија од 10-0 и стигна до огромни 61-34, по што натпреварот влезе во мирна завршница. Домашниот тим без поголеми проблеми ја сочува предноста и го забележа триумфот со конечни 91-74.
Во победничкиот состав дури пет кошаркари имаа двоцифрен учинок. Гуден беше прв стрелец со 21 поен, Крстевски запиша 19, Стајиќ 16, Стевановиќ 14, додека Фундиќ оствари дабл-дабл со 12 поени и исто толку скокови.
Кај Кожув, Бојчев го заврши натпреварот со 22 поени и пет асистенции. Бурис придонесе со 17 поени и пет скока, а Армстронг запиша 12 поени, шест асистенции и четири скока.
По пет одиграни кола, двата тима имаат ист учинок од три победи и два порази, па остануваат во групата екипи што се борат за висок пласман на табелата.


