Амбициите на сопственикот на Милан, Гери Кардинале во европската кошарка стануваат сè поконкретни. Американскиот бизнисмен потврди дека сака да биде дел од новиот проект НБА Европа и дека плановите за изградба на модерна кошаркарска арена во Милано се веќе во подготовка.
Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, првиот човек на инвестицискиот фонд „РедБирд“ јасно ја најави намерата да обезбеди франшиза во новото натпреварување, кое според плановите на НБА треба да започне во 2027 година.
„Имаме сè подготвено за да ги започнеме работите на арена со капацитет од 20.000 места. Сакаме да бидеме дел од НБА Европа со франшиза во Милано. Имам амбиции и во тенисот“, изјави Кардинале.
Изградбата на новата сала би претставувала огромен инфраструктурен чекор за градот, со оглед на тоа што нејзиниот капацитет би бил речиси двојно поголем од „Унипол Форум“, актуелниот дом на Олимпија Милано.
Сепак, интересно е што потенцијалниот учесник во НБА Европа најверојатно нема да биде токму Олимпија. Миланскиот кошаркарски гигант има повеќегодишен договор со Евролигата, па Кардинале, според информациите од италијанските медиуми, преговара со Варезе за можна соработка.
Идејата е преку партнерство да се формира нов проект, со преселување на клубот во Милано, промена на името и создавање франшиза која би настапувала во новото натпреварување.
Плановите на НБА се Италија да има две свои екипи во новата лига – една во Милано и една во Рим. Засега, сепак, остануваат отворени многу прашања околу конечниот формат на натпреварувањето и односите со Евролигата.
НБА и ФИБА работат на создавање нова кошаркарска структура во Европа, а евентуалното вклучување на големи фудбалски брендови и финансиски моќни инвеститори би можело значително да ја промени кошаркарската мапа на континентот.


