Ти Џеј Шортс е прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) во Евролигата за месец октомври, откако со одличните настапи беше еден од најзаслужните за успешниот старт на Валенсија во новата сезона.
Американскиот плејмејкер, кој летово пристигна во Валенсија од Панатинаикос, веднаш се наметна како лидер на шпанскиот тим. По првите девет натпревари во елитното европско натпреварување, Валенсија има шест победи и три порази, а Шортс е меѓу најзаслужните за таквиот биланс.
Во октомври, 29-годишниот организатор на играта просечно реализираше 17,1 поен, 5,7 асистенции, 1,8 скока и 0,9 украдени топки, со просечен индекс на корисност од 20,7.
The numbers behind an outstanding month for @valenciabasket star guard, @TjShorts5 as he was awarded MVP of October! Leading by example and delivering exceptional efficiency on the court for his new side 👏 https://t.co/HRNZnMtPtP
— EuroLeague (@EuroLeague) November 3, 2026
Особено впечатлив беше неговиот настап против поранешниот клуб Париз, кога во победата на Валенсија од 104-93 постигна 25 поени, подели девет асистенции и имаше четири скока. Тоа беше неговиот најдобар индивидуален натпревар во досегашниот дел од сезоната, со индекс на корисност од 34.
Шортс имаше одлични изданија и против Бешикташ, кога постигна 26 поени, како и против Фенербахче, против кого реализираше 23 поени. Двоцифрен број асистенции забележа против Басконија, на која ѝ подели десет завршни додавања.
Ова е вторпат во кариерата Шортс да ја добие наградата за МВП на месецот во Евролигата. Претходно признанието го освои во ноември 2024 година, кога настапуваше за Париз.Интересно е што тој е само вториот кошаркар на Валенсија кој ја освоил оваа награда. Пред него тоа му успеа на Никола Калиниќ во февруари 2021 година.
Признанието е само уште една потврда дека Шортс е како препороден откако си замина од Панатинаикос и се пресели во Валенсија. Во Грција имаше многу опструкции од тренерот Ергин Атаман додека во новиот клуб повторно е свој на своето, со бескрајна слобода во играта, како што тоа беше во Париз и Телеком Бон.


