ТФТ продолжува со лошиот старт во новата сезона од АБА 2-лигата. Македонскиот тим го претрпе и вториот пораз во регионалното натпреварување, откако на гостувањето кај Херцеговац во Гајдобра загуби со убедливи 82-107.
Иако тренерот Боро Смилковски овојпат го имаше на располагање комплетниот ростер, за разлика од премиерниот дуел со Слобода во Тузла, ТФТ повторно не успеа да одговори на предизвикот. Домаќините уште во првите 10 минути ја наметнаа својата игра и ја добија четвртината со 32-17.
Клучната разлика беше направена во првото полувреме. Херцеговац продолжи со ефикасната игра и во втората четвртина, па на паузата замина со убедлива предност од 58-37. Скопјани се обидоа да го поправат впечатокот по одморот и го добија третиот период со 25-23, но немаа сили за посериозен камбек. Во последната четвртина српскиот состав повторно беше подобар, со 26-20, за конечни 107-82.
Кај македонскиот претставник најрасположен беше Секу Сила со 15 поени, а Страхил Николов постигна 13. По 10 поени запишаа Накавијон Вајт, Ален Луис и Тома Стојановски.
За ТФТ ова е втор пораз во исто толку натпревари во групата Б. Скопјани претходно доживеаја тежок неуспех во Тузла, каде што загубија од Слобода со 61-106, но тогаш настапија со само шест кошаркари, без странските засилувања. Овојпат Смилковски го имаше на располагање целиот тим, но ниту тоа не беше доволно за да се избегне нов убедлив пораз.
Следниот натпревар во АБА 2-лигата за ТФТ е против Подгорица, на 9 декември, на домашен терен.


