Ненад Димитријевиќ постигна 10 поени, но Арис не успеа да ја продолжи победничката серија во Еврокупот. Македонскиот репрезентативец и неговите соиграчи загубија од Хапоел Ерусалим со 73-84, во натпревар од шестото коло, одигран во Белград.
За тимот од Солун ова беше прв пораз во досегашниот тек на европската сезона, избраниците на Василис Спанулис имаа добри периоди, но не успеаја да го задржат потребното ниво на игра во целиот меч. Арис одлично реагираше по почетните 8-0 на Хапоел и успеа да ја преземе контролата. По првата четвртина гостите водеа со 19-18, а на паузата имаа предност од 40-35. Димитријевиќ беше меѓу играчите кои ја предводеа офанзивата, но клучниот момент се случи во третиот период.
Хапоел направи пресврт, ја засили одбраната и со серија од 16-4 во еден момент стигна до предност од 49-42. Дополнителен удар за гостите беше исклучувањето на Димитријевиќ во 26. минута, откако македонскиот кошаркар доби неспортска лична грешка и техничка грешка, по што мораше да ја напушти играта.
И покрај тоа, Арис не се предаде. Со добра серија успеа да се врати во натпреварот, па по три четвртини Хапоел имаше само еден поен предност – 57-56. Во последниот период се водеше израмнета битка, но домашниот состав беше посигурен во завршницата и со серија поени во последните минути го реши прашањето околу победникот.
Димитријевиќ реализираше три од четири обиди за два поени и четири од четири слободни фрлања. Најефикасен кај Арис беше Адам Мокока со 13 поени, додека И Џеј Линдел запиша 12 поени и осум скока.
Во следното коло Арис ќе ја пречека Рига Зели на 11 ноември, со задача да се врати на победничкиот пат во Еврокупот. Денешниот пораз дојде на три дена по големиот триумф против Панатинаикос на Жељко Обрадовиќ во домашното првенство.


