Виктор Вембанјама одигра натпревар за паметење и го предводеше Сан Антонио до драматична победа над Далас од 112-111, во еден од најимпресивните индивидуални настапи во поновата историја на НБА лигата.
Францускиот центар беше едноставно незапирлив, завршувајќи го дуелот со неверојатни 52 поена, 24 скока и осум блокади. Притоа, постави нови лични рекорди во категориите поени и скокови, потврдувајќи дека станува збор за кошаркар со исклучителни можности.
Вембанјама имаше фантастично прво полувреме во кое постигна 29 поени, собра 15 скока и забележа пет блокади. Со тоа стана првиот кошаркар во последните 30 сезони кој во едно полувреме постигнал најмалку 25 поени, 10 скока и пет блокади.
Неговата доминација беше особено изразена во одбраната. Во една акција во вториот период, за само 13 секунди успеа трипати да ги блокира противничките обиди, испраќајќи јасна порака дека кошот на Сан Антонио нема лесно да биде освоен.
Но, Далас не се предаде. Гостите успеаја да се вратат во натпреварот и во завршницата дури и да ја преземат предноста, откако претходно губеа со 19 поени разлика. Тројката на Наџи Маршал за 111-111 на 1:41 минута до крајот најави драматична завршница.
Одговорноста повторно ја презеде Вембанјама. Французинот погоди едно слободно фрлање на 24,2 секунди до крајот и му донесе минимална предност на својот тим. Далас имаше последен напад за победа, но Кајри Ирвинг не успеа да погоди тежок шут од околу пет метри, па славјето остана во Сан Антонио.
Ирвинг беше најефикасен кај гостите со 29 поени, Маршал додаде 22, Пи Џеј Вашингтон 21, додека Купер Флег заврши со 19 поени и 10 скока.
Кај победничкиот состав, покрај историското издание на Вембанјама, Дилан Харпер постигна 21 поен, а Стефон Касл заврши со 17 поени и 10 скока.
За Сан Антонио ова беше шеста последователна победа, со која тимот ја продолжи одличната серија на почетокот од сезоната. Сепак, вечерта целосно му припадна на Вембанјама, кој со ова издание се приклучи на ексклузивното друштво на кошаркари со најмалку 50 поени, 20 скока и пет блокади на еден натпревар. Пред него, таков учинок во НБА имал и Боб Мекаду во 1974 година.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит – Филаделфија 106-112
Вашингтон – Атланта 105-120
Бостон – Милвоки 109-102
Бруклин – Шарлот 114-104
Њујорк – Чикаго 135-105
Мемфис – Индијана 103-107
Њу Орлеанс – Јута 120-113
Оклахома Сити – Кливленд 124-116
Хјустон – Минесота 107-117
Денвер – Торонто 128-109
Феникс – Портланд 119-132
Сан Антонио – Далас 112-111
Сакраменто – Лос Анџелес Лејкерс 103-116
Лос Анџелес Клиперс – Мајами 116-117


