Лука Дончиќ продолжува да доминира на НБА-паркетите. Словенечкиот кошаркар одигра уште еден фантастичен натпревар, постигнувајќи 40 поени во победата на Лос Анџелес Лејкерс над Сакраменто со 116-103, но дуелот го одбележа и необичен инцидент со навивач на домашниот тим.
Словенецот беше прва напаѓачка опција на Лејкерс и повторно покажа дека во моментов е меѓу најтешките кошаркари за одбрана во лигата. Средбата ја заврши со 40 поени, девет скока и седум асистенции, а особено расположен беше во шутот за три поени, погодувајќи шест тројки. Од линијата за слободни фрлања имаше 12 успешни обиди од 13 шута.
Ова беше уште една потврда за неверојатната форма на словенечкиот ас, кој продолжува да реди натпревари со повеќе од 40 поени. Со негова помош, Лејкерс стигнаа до седмата победа на девет одиграни средби, а воедно ја продолжија победничката серија на три натпревари.
Сепак, најинтересниот момент се случи во третата четвртина, кога Дончиќ влезе во вербален конфликт со навивач кој седеше веднаш до теренот. По една изгубена топка на Сакраменто, топката заврши кај гледач од првиот ред, кој силно ја фрли во правец на судијката и ја погоди во главата.
A fan sitting courtside hits the female ref with the ball and gets ejected.
Luka Doncic: "What the f*ck are you doing?"
https://t.co/wKwD3ITIKR— Hater Report (@HaterReport) November 5, 2026
Дончиќ веднаш реагираше, го привлече вниманието на судиите и обезбедувањето, покажувајќи кон навивачот и влегувајќи во расправија со него. Интервенираше службата за обезбедување, по што гледачот беше отстранет од салата. Натпреварот продолжи без дополнителни инциденти.
A fan was escorted out of their seat after an altercation with Luka Doncic: https://t.co/vFyQieZIP2
— Ethan Minton (@ETrainSports) November 5, 2026
Покрај Дончиќ, одличен придонес за победничкиот состав имаше Остин Ривс со 21 поен, додека Вокер Кеслер запиша 15 поени, осум скока и четири блокади. Кај Сакраменто, Дариус Акуф беше најефикасен со 22 поени и 12 асистенции, Зек Лавин постигна 21, а Домантас Сабонис имаше 16 поени и 17 скока.
Лејкерс со овој триумф стигнаа до скор од седум победи и два пораза, додека Сакраменто остана на само една победа по осум одиграни натпревари.


