Дебитантот во Суперлигата, Штип ја оствари првата гостинска победа во елитната конкуренција во својата историја откако вечерва славеше против Пелистер со 92-87.
Штипскиот состав долго време ја имаше контролата врз резултатот, но домаќините не дозволија лесно да им бидат одземени бодовите. Во третиот период Штип имаше предност од 16 разлика (57-41) и се чинеше дека лесно ќе дојде до триумфот, но во финишот дојде до вистинска драма.
Пелистер не само што успеа да се врати во игра, туку во самата завршница дојде и до водство откако Кочовиќ погоди за три поени за 87-86. Сепак, последниот збор го имаа гостите. Пал се избори за офанзивен скок и ја заврши акцијата со погодок за ново водство на Штип (88-87). Американецот потоа беше сигурен и од линијата за слободни фрлања, а Димчевски со дополнителни поени стави точка на неизвесноста и го запечати триумфот од 92-87.
Хамилтон со 20 поени беше прв стрелец на Штип, веднаш зад него беше Лав со 19, додека Пал оствари двоен учинок – 15 поени и 11 скока. Кај битолчани најмногу се истакна Кочовиќ со 24 поени, а Вилсон придонесе со уште 17.


