Екипата на МЗТ Скопје стигна до петтата победа во Суперлигата, откако во градскиот дуел го совлада Скопје со убедливи 79-60.
Актуелниот шампион го реши прашањето околу победникот во второто полувреме, кога направи разлика што домаќините не успеаја да ја надоместат.
Аеродромци тргнаа силно и уште во воведните минути најавија дека сакаат да го контролираат натпреварот. Со серија добри напади поведоа со 19-8, но Скопје не се предаде. Домашниот тим ја искористи опуштеноста на противникот, направи пресврт и стигна до водство од 31-30.
МЗТ сепак не дозволи негативниот момент да трае долго, па на полувремето замина со предност од 42-39. Скопје продолжи да се држи во игра и во третиот период, но последниот посериозен отпор го пружи при резултат 47-51. Потоа шампионот ја затегна одбраната, го забрза ритамот и постепено ја зголемуваше разликата до конечните 79-60.
Емир Крајиниќ беше најрасположен во победничкиот состав со 20 поени и осум скока. На спротивната страна, Камерон Џонс беше најдобар стрелец на Скопје 2023 со 18 поени, четири скока и две асистенции.
Триумфот против Скопје доаѓа како утеха за шампионот за неуспесите на европска сцена оваа сезона. Аеродромци уште ја чекаат првата победа во ФИБА Европа купот, но во домашното првенство се на второто место, веднаш зад непобедливиот Работнички.


