Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ги започна подготовките за претстојните предизвици во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Со значително подмладен ростер, нашиот национален тим денеска ги одржа првите два тренинга и тоа во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
Со тоа е означен почетокот на работата на новиот селектор Виктор Петровски, заедно со неговиот помошник Оливер Стојмановиќ кои на располагање имаа 12 кошаркарки: Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Марија Митева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Глорија Груевска, Ива Колева и Вања Милосављевиќ. Експедицијата утре наутро заминува за Букурешт, каде што ќе ѝ се приклучат уште две интернационалки. Станува збор за Цветанка Димова, која настапува во Грција и Теа Митрева, која ја гради кариерата во Италија.
По тренинзите во романската престолнина, стручниот штаб ќе го избере конечниот состав од 12 кошаркарки за првиот натпревар. Македонија во ноемврискиот ФИБА-прозорец ја очекуваат два натпревара во рамките на групата Ц. Првиот предизвик е на 11 ноември, кога нашите кошаркарки ќе се сретнат со Романија во Букурешт, а три дена подоцна, на 14 ноември, следува и првиот домашен настап, против Естонија во Штип.


