ТФТ можеби уште ја чека првата победа на гостински терен оваа сезона, но затоа по три меча, се уште е со максимален ефект на свој паркет.
По победите против Скопје и Штип, тимот од Тафталиџе вечерва беше подобар од МКК Куманово со 89-87 во меч кој го одбележаа големи пресврти и драма до последната секунда. Двете екипи имаа свои моменти и највисока предност од девет разлика, но домаќините беа посконцентрирани во клучните моменти и дојдоа до победата.
МКК Куманово беше подобар во првото полувреме во кое ја достигна и својата највисока предност (37-28), но со серија од 13-0, ТФТ се врати во игра и поведе со 40-37. На голем одмор, сепак, гостите заминаа со водство од 50-46, но драмата допрва почнуваше. Кон средината на третиот период ТФТ ги достигна највисоките +9 (64-55), но сега МКК Куманово успеа да се врати и до крајот на четвртината да израмни на 68-68. И не само тоа, туку на шест минути пред крајот кумановци повторно отидоа на девет поени предност (82-73) и требаше само рутински да го приведат мечот кон крајот.
Сепак, тоа не се случи, ТФТ постепено ја намалуваше негативата и на 34 секунди пред крајот, со тројката на Вајт израмни на 87-87. МКК Куманово имаше напад за предност, ама Стајиќ ја загуби топката за потоа Сила да изнури лична грешка и да го реши победникот со две слободни фрлања. Во последниот напад Гуден се обиде да израмни, но беше непрецизен од пост.
Сила беше најдобар играч во домашниот тим со 27 поени и 12 скока, Вајт додаде 21, а Николов 16 поени. Гуден и Стевановиќ заедно реализираа вкупно 60 поени за МКК Куманово, но изостана помошта од останатите играчи со тоа што мора да се истакне дека гостите имаат проблеми со повреди, па не играа Ѓуроски, Стојановски, Петковски и капитенот Георгиевски.


