Јасно беше дека МЗТ Скопје ќе има пеколен распоред оваа сезона поради учеството во три натпреварувања, но она што го очекува тимот идната недела се граничи со невозможно.
В среда шампионот гостува во Солун кај Ираклис во шестото коло од ФИБА Европа купот и тоа е најлесно и најблиско патување што ќе го има оваа есен. По враќањето, тимот ќе може да се подготвува за дербито со Работнички, но во исто време и да се подготвува за напорен пат.
„Вечното“ дерби е закажано за понеделник (16 ноември) од 19 часот во „Јане Сандански“. Неколку часа по завршувањето, екипата заминува за Естонија (преку Приштина, Виена и Рига) каде ќе му гостува на Тарту во седмото коло од ФИБА Европа купот, а тој дуел е закажан за среда во 17 часот по средноевропско време. Тоа значи дека МЗТ Скопје во период од 46 часа ќе игра дерби во домашното првенство, ќе отпатува за Естонија и ќе се сретне со Тарту. Дербито не можеше да се игра за викендот бидејќи во „Јане Сандански“ ќе се одржува друга спортска манифестација.
Среќа во несреќа од целата ситуација е тоа што МЗТ ги (за)губи шансите за првите две места во својата група од ФИБА Европа купот, па гостувањата кај Ираклис и Тарту ќе бидат само туристички. Поради тоа, екипата ќе може да се насочи на дуелот со Работнички, а по враќањето од Естонија има двонеделна пауза поради „прозорецот“ на ФИБА и репрезентативните настапи.


