Македонскиот кошаркар Теодор Симиќ забележа уште еден одличен настап во дресот на Тексас Арлингтон, придонесувајќи за убедливата победа над Бетесда со 116-65 во натпревар од американската НЦАА лига.
Симиќ одигра одличен натпревар, постигнувајќи 12 поени и 13 скока за 22 минути на теренот, со што стигна до својот прв дабл-дабл ефект во НЦАА. Македонскиот центар повторно покажа сигурност под кошевите, а со својот придонес во скок-играта уште еднаш го привлече вниманието во американската универзитетска кошарка. За разлика од претходните натпревари, сега немаше многу обиди од дистанца, само еден шут за тројка, но затоа се истакна во другите елементи.
Тексас Арлингтон по четири одиграни натпревари има биланс од три победи и еден пораз, но радува одличната форма на Симиќ кој побрзо од очекувањата се вклопи во американската кошарка.


