Кошаркарскиот клуб Партизан постигна договор со Крис Силва, кој наскоро треба и официјално да биде претставен како ново засилување на белградскиот тим.
Центарот од Габон ги договорил сите услови за соработка со Партизан, а неговото деби во црно-белиот дрес би можело да се случи веќе на 14 ноември, на натпреварот против Задар во АБА лигата. Силва, кој е висок 206 сантиметри, може да настапува на позициите крилен центар и центар. Во својата кариера има забележано и 70 настапи во НБА-лигата.
Од јануари годинава тој беше член на Фенербахче, но во актуелната сезона доби ограничена минутажа. Во Евролигата настапи на четири натпревари, со вкупно само 23 минути на паркетот. Интересно е што ова не е првпат Партизан да се обиде да го ангажира кошаркарот од Габон. Силва претходно откри дека имал разговори со белградскиот клуб, но во март годинава се одлучил за понудата на Фенербахче, сметајќи дека тоа е најдобрата одлука за неговата кариера.
„Имаше можност, разговарав со Партизан и навистина сакав да дојдам. Сепак, го избрав Фенербахче бидејќи сметав дека тоа е најдобрата одлука“, изјави Силва во март.
Роден во Габон, Силва како тинејџер се преселил во САД, каде што го завршил средното образование во Њу Џерси, а потоа студирал на Универзитетот Јужна Каролина од 2015 до 2019 година. Иако не беше избран на НБА-драфтот, успеа да се избори за ангажмани во Мајами, Сакраменто, Минесота и Далас, а настапуваше и во развојната Џи-лига, како и во Порторико. Пред Фенербахче, играше за израелскиот Бнеи Херцлија и грчкиот АЕК, каде што остави добар впечаток.
Интересно е и тоа што Силва не би бил првиот кошаркар од Габон кој настапувал за Партизан. Во сезоната 2008/09, дресот на „црно-белите“ го носеше и Стефон Лазме, кој беше миленик на навивачите и дел од тимот што стигна до четвртфиналето во Евролигата.


