МЗТ Скопје го доживеа шестиот последователен пораз во ФИБА Европа купот, откако на гостувањето во Солун беше убедливо совладан од Ираклис со 73-103.
Македонскиот шампион немаше сили да му парира на расположениот домаќин, кој со одлична игра во второто полувреме стигна до убедлив триумф од 30 поени разлика што е највисок пораз на МЗТ Скопје оваа сезона во ФИБА Европа купот.
Ираклис уште од самиот почеток покажа дека е решен да ја оправда фаворитската улога. Грчкиот состав отвори со серија од 10-0, во првата четвртина во еден момент имаше и двоцифрена предност од 16 поени, а првиот период го заврши со 29-17.
Аеродромци сепак успеаја да се вратат во игра во вториот период. Со подобра реализација во нападот, МЗТ ја намали негативата и се обиде да го направи натпреварот понеизвесен, но на паузата домаќините заминаа со водство од 47-35.
Клучниот период беше третата четвртина. Ираклис повторно го засили темпото, ги казнуваше грешките на македонскиот тим и постепено ја зголемуваше разликата. Пред последните десет минути резултатот беше 78-53, па прашањето околу победникот веќе беше решено. Во завршницата грчкиот тим продолжи со офанзивниот ритам и стигна до троцифрен број поени, за конечни 103-73.
Емир Крајиниќ беше најдобриот поединец во составот на МЗТ со 17 поени и 10 скокови, додека Лесли Ворнер заврши со 15 поени. Петар Бошалески додаде 12 поени.
МЗТ Скопје останува без победа во ФИБА Европа купот оваа сезона, а идната недела го очекува уште едно тешко и мачно гостување, кај Тарту во Естонија. Во меѓувреме има и дерби во домашниот шампионат, против Работнички.


