Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со пораз ја отвори битката за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Подмладениот состав на селекторот Виктор Петровски загуби на гостувањето во Букурешт од Романија со 52-73, во првото коло од групата Ц, но по катастрофалниот почеток успеа да покаже значително подобро лице во продолжението.
Македонскиот тим имаше сериозни проблеми во воведните минути. Домашните кошаркарки ја искористија предноста на својот терен и веднаш наметнаа висок ритам, додека нашата селекција тешко доаѓаше до поени. Во првата четвртина нашата селекција постигна само четири поени и по десет минути игра имаше дури 17 поени негатива. Разликата продолжи да расте, на полувремето семафорот покажуваше 45-18 и се чинеше дека Македонија ќе доживее дебакл.
Сепак, нашите кошаркарки не се предадоа. По паузата следуваше најдоброто издание на македонската репрезентација која одигра одлична трета четвртина и ја доби со 21-10. Со многу поголема енергија и самодоверба почна да ја намалува негативата и покажа дека може да одигра рамноправно со противникот кога ќе успее да го наметне својот ритам.
Романија во последниот период повторно ја стабилизираше играта и не дозволи дополнително приближување на гостинките, па на крајот стигна до победа од 73-52.
Цветанка Димова беше најефикасна во македонските редови со 11 поени, шест скока и три асистенции. Сања Адамовска заврши со 10 поени, пет скока и шест асистенции, но не успеа да го доигра натпреварот поради повреда во финишот. Јована Петрушевска запиша девет поени, додека Ана Милованова додаде седум. Борбеноста и пожртвуваноста беа присутни кај секоја која се појави на теренот и која придонесе нашата селекција да ги добие симпатиите во Букурешт.
За македонската репрезентација нема многу време за анализирање на првиот настап. Веќе в сабота следува нов предизвик и можност за поправка на впечатокот, бидејќи во спортскиот центар „Џексон“ во Штип гостува Естонија.


