Партизан ја забележа шестата победа во Евролигата, откако во „Белградската арена“ ја совлада Басконија со 80-66 во натпревар од 11. коло.
Иако конечниот резултат изгледа убедливо, белграѓани мораа добро да се помачат за да го скршат отпорот на гостите, кои беа во игра речиси три четвртини.
Главната приказна на вечерта беше враќањето на Тоње Џекири. По речиси еден месец пауза, центарот одигра одличен натпревар и со 17 поени, шест скока и по една асистенција, украдена топка и блокада беше најзаслужен за триумфот. Шутираше 8/10 од поле, а не загуби ниедна топка.
Партизан подобро го отвори дуелот и првата четвртина ја заврши со предност од 23-18, но Басконија возврати во продолжението. Гостите дури и поведоа во вториот период, пред црно-белите со серија од седум поени да го преземат контролата и на полувремето да заминат со 42-38. Ниту по паузата немаше лесна задача за избраниците на Пењароја. Басконија неколкупати се закани да се врати во натпреварот, па пред последните десет минути разликата беше само пет поени (65-60).
Сепак, завршницата целосно им припадна на домаќините. Партизан ја затвори одбраната и во последната четвртина му дозволи на противникот само шест поени. Во вистински момент се разигра и Алесандро Пајола, кој ги погоди сите три обиди за три поени, а неговите погодоци помогнаа предноста да стане недостижна.
Покрај Џекири, Карлик Џонс постигна 16 поени, четири скока и шест асистенции, додека Никола Танасковиќ го заврши мечот со 14 поени и четири скока. Пајола придонесе со девет поени, сите од линијата за три поени. Кај Басконија најефикасен беше Крис Дуарте со 15 поени, додека Родионс Куруцс постигна 10.
Партизан со оваа победа стигна до скор од 6-5 и се врати на позитивен биланс во Евролигата. Басконија, пак, останува на само еден триумф по 11 одиграни кола. За црно-белите следува продолжение на серијата домашни натпревари, а следен противник ќе им биде Валенсија.


