Кошаркарите на Реал Мадрид ѝ одржаа лекција на Црвена Звезда, совладувајќи ја со убедливи 105-84 во натпреварот од 11. коло во Евролигата.
Српскиот тим доживеа тежок пораз во Мадрид, по кој е прекината неговата одлична серија и е ставен крај на еуфоријата по големите победи во претходниот период. Дури може да се каже дека белградскиот тим и добро помина, ако се знае дека Реал имаше предност и од 31 поен разлика во последната четвртина.
Особено изненадувачки е начинот на кој Звезда го одигра натпреварот, ако се знае дека до ова коло се наоѓаше на второто место на табелата со скор од 7-3, делeјќи ја позицијата со најдобрите екипи во натпреварувањето. Во Мадрид, сепак, избраниците на Ибон Наваро беа далеку од изданијата со кои ги надиграа своите претходни ривали.
Реал уште во првата четвртина покажа дека е решен да ја контролира средбата. Домашните кошаркари го добија почетниот период со убедливи 38-20, а во вториот дел од втората четвртина стигнаа и до огромни 24 поени предност.
Звезда накратко се врати во натпреварот со серија од 13-0, успевајќи да ја намали негативата и да се приближи на само седум поени. Домаќините, сепак, не дозволија противникот да направи целосен пресврт, па на полувреме заминаа со водство од 56-41. Третата четвртина повторно беше целосно во знакот на Реал. Шпанскиот гигант ја доби со 26-18 и пред последните десет минути имаше предност од 82-59. Во продолжението разликата во еден момент достигна и 31 поен, па прашањето за победникот веќе беше решено.
„Црвено-белите“ успеаја само да го ублажат поразот во завршницата, но тоа не можеше да го промени впечатокот за нивното издание во Мадрид. Реал покажа зошто е еден од најмоќните состави во Европа, додека Звезда доби сериозно предупредување дека високата позиција на табелата мора да се потврдува од натпревар во натпревар.
РЕЗУЛТАТИ
Макаби – Хапоел 80-73
Олимпијакос – Дубаи 101-72
Олимпија Милано – Жалгирис 83-86
Валенсија – Баерн 102-87
Реал – Црвена Звезда 105-84


