Македонскиот кошаркар Никола Јаничиќ го одигра својот најдобар натпревар досега во дресот на Тенеси Мартин, откако постигна 15 поени во убедливиот триумф над Чемпион Кристијан од 86-57.
Младинскиот репрезентативец беше меѓу најзаслужните за победата на Скајхокс во првиот домашен натпревар сезонава, а покрај одличниот поентерски учинок, запиша и четири скока, четири асистенции и две украдени топки. Јаничиќ шутираше 6/12 од поле, погоди три тројки од осум обиди и беше најефикасен кошаркар во својот тим.
Особено импресивно беше второто полувреме, во кое Тенеси Мартин целосно ја презеде контролата. По првите 20 минути, гостите имаа предност од 39-36, но домашните направија огромен пресврт и во продолжението постигнаа 50, а примија само 18 поени.
Јаничиќ имаше важна улога во подоброто издание на својот тим, а тренерот Џереми Шулман посебно го истакна македонскиот кошаркар по натпреварот, заедно со Армандас Банцевичиус, нагласувајќи дека двајцата одиграле одлично во вториот дел.
За Тенеси Мартин ова беше втора победа во четвртиот натпревар од новата сезона, со која тимот ја прекина серијата на послаби резултати и ја отвори домашната кампања со убедливо издание.
Јаничиќ летово пристигна во американската НЦАА по настапите за Лејтон Кристијан Академи во Јута. Претходно беше дел од Партизан Водно Санс, а со своите настапи во младинските репрезентативни категории веќе се наметна како еден од интересните македонски кошаркарски потенцијали.


