Кошаркарите на ТФТ конечно ја прекинаа серијата без победа на гостински терен во домашното првенство.
Екипата од Тафталиџе славеше на гостувањето кај Кожув со 88-86, и тоа по продолжение, во исклучително неизвесен натпревар од седмото коло на Суперлигата.
Избраниците на Боро Смилковски стигнаа до триумфот по голема борба во Гевгелија, каде што ниту по 40 минути игра немаше победник, а за неизвесноста најдобро потврдува фактот што ниеден од тимовите немаше повисока предност од шест разлика. Кожув беше нешто поблиску до победата во основниот дел бидејќи на минута пред крајот водеше со 71-67.
Тома Стојаноски и Вајт потоа погодија по една тројка, па Кожув се најде дури и во негатива од 71-73 на 14 секунди пред крајот. Во последниот напад беше фаулиран Армстронг кој ги погоди двете слободни фрлања и го одведе мечот во продолжение. Во дополнителните пет минути ТФТ ја контролираше играта, поведе со 84-80 и потоа знаеше како да го приведе мечот кон крајот.
Секоу Сила беше прво име кај победничкиот состав и воопшто на натпреварот со 25 поени и 18 скока, додека кај Кожув се истакнаа Стефан Симиќ и Тери Армстронг со по 20 поени. Пред овој триумф, ТФТ ги загуби трите гостувања, против Пелистер, МЗТ Скопје и Тиквеш, а доживеа порази и на двата меча надвор од својот град во АБА 2 лигата.


