Кошаркарите на МКК Куманово стигнаа до триумф во седмото коло од Суперлигата, откако на домашен терен ја совладаа Струмица со високи 85-48.
Победата од 37 поени разлика е најубедлив во досегашниот дел од македонското кошаркарско првенство, не само на МКК Куманово, туку воопшто, земајќи ги предвид сите натпревари и екипи. Досегашниот рекорд го држеше Тиквеш кој уште во првото коло како гостин го совлада Штип со 93-65.
Домаќините уште во воведните десет минути најавија дека бодовите тешко ќе ја напуштат Куманово. Со цврста одбрана и ефикасна игра во нападот, првата четвртина ја добија со 21-8, по што во продолжението само ја зголемуваа предноста. Кумановци беа подобри во сите четири периоди и на крајот апсолутно заслужено стигнаа до големиот триумф.
Најефикасен во победничкиот состав беше Камерон Гуден со 18 поени, додека Андреја Стефановиќ додаде 17. Бобан Стајиќ го заврши натпреварот со 14 поени и девет асистенции, а Стефан Фундиќ имаше учинок од 10 поени и осум скока.
Кај гостите од Струмица, Димитар Пандев беше најрасположен со 14 поени, осум скока и четири асистенции, додека Кам Крафорд постигна 11 поени.


