Лука Дончиќ игра во неверојатна форма и од натпревар во натпревар докажува зошто е еден од најдобрите кошаркари на денешницата. Словенечката суперѕвезда повторно блесна на паркетот, овојпат со 43 поени против Феникс, во триумфот на Лос Анџелес Лејкерс од 131-123.
За „езерџиите“ ова беше осма победа по ред, а Дончиќ уште еднаш покажа дека моментално е незапирлив. Покрај 43. поени, запиша и девет асистенции, со реализација од 13/28 од поле, пет погодени тројки од 13 обиди и 12/14 од линијата за слободни фрлања.
Иако Лејкерс во еден момент имаа огромна предност од 31 поен, Феникс не се откажа. Домашниот состав одигра одлична последна четвртина, која ја доби со 43-27, и успеа да се доближи на само пет поени негатива. Сепак, тимот од Лос Анџелес не дозволи целосен пресврт и ја продолжи победничката серија. Квентин Грајмс постигна 22 поени за Лејкерси, додека Колин Гилеспи со 26 поени беше најдобар стрелец кај Феникс.
Она што го прави овој почеток на сезоната посебен се неверојатните бројки на словенечкиот ас. Со последните 43 поени, Дончиќ стигна до вкупно 468 поени на првите 12 натпревари. Со тоа го надмина Џејмс Харден, кој во сезоната 2019/20 имаше 464 поени во првите 12 настапи за Хјустон. Станува збор за најдобар ваков учинок во последните 50 години, а за слични бројки треба да се погледне наназад до времето на легендарниот Вилт Чемберлен. Дончиќ ја смени историјата и на Лејкерс. Тој е само четвртиот кошаркар во клупската историја кој постигнал најмалку 40 поени на четири последователни натпревари. Пред него тоа им успеало на Џорџ Микан, Елџин Бејлор и Коби Брајант. Ваква серија во НБА последен пат имаше Донован Мичел во 2023 година.
Неверојатен е и неговиот просек од 40,1 поен по натпревар по првите девет настапи во сезоната. Последен пат кошаркар со таква реализација во почетните девет натпревари бил Вилт Чемберлен, во сезоните 1961/62 и 1962/63. Словенецот е првиот играч во историјата на НБА кој на шест последователни натпревари успеал да постигне најмалку 35 поени, да запише пет скока и пет асистенции, а притоа да погоди и најмалку пет тројки. Подоцна ја продолжи серијата на седум натпревари, поставувајќи уште едно историско достигнување.
Одличните индивидуални партии на Дончиќ се одразуваат и на резултатите на неговиот тим. Лејкерс ја забележаа осмата последователна победа и во моментов имаат учинок од 12 победи и два пораза. Со таков биланс се наоѓаат на врвот на Западната конференција, заедно со Сан Антонио.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Индијана 131-124
Феникс – ЛА Лејкерс 123-131
ЛА Клиперс – Шарлот 113-105
Јута – Сан Антонио 102-110
Бостон – Далас 131-94
Торонто – Њујорк 108-112
Вашингтон – Хјустон 119-147
Милвоки – Атланта 106-113
Сакраменто – Оклахома 103-125


