Иако најголемиот дел од вчерашното дерби во „Јане Сандански“ помина мирно на теренот и на трибините, се провлекоа неколку инциденти колку да ги комплетираат возбудувањата.
Во главна улога беа капитенот на Работнички, Виктор Ефремовски и кошаркарот на МЗТ Скопје, Тадија Тадиќ кои имаа еден дуел во текот на мечот и уште еден по неговото завршување. Во втората четвртина двајцата се фатија за гуша при што Тадиќ доби неспортски прекршок, а Ефремовски помина без казна бидејќи напомош му притрча Фатјон Реџа и нему му беше досудена техничка грешка.
Сепак, на крајот од мечот, Ефремовски не издржа и го удри српскиот кошаркар за што бил пријавен од официјалните лица и му се заканува суспензија од најмалку еден натпревар. Репрезентативецот денеска откри што се случувало во текот на мечот и како дошло до конфликтот со Тадиќ.
„Ме пцуеше цел натпревар, а додека се поздравуваше буквално ми рече: Ќе ти ја е*ам мајката. Постојано провоцираше и не беше фокусиран на играта, туку на тоа колку е можно погнасно да ме навреди“, рече Ефремовски за КОШ.МК. На видеото од синоќешниот натпревар може да се види како Тадиќ одбива да се поздрави со Ефремовски по завршувањето на натпреварот и нешто му довикува поради што играчот на Работнички реагира.
Ако биде суспендиран, 28-годишниот кошаркар ќе го пропушти дербито со ТФТ во претстојното коло во Градски парк.


