Андреј Стојаковиќ приреди вечер за паметење во американската колеџ-кошарка. Синот на легендарниот Предраг Стојаковиќ постигна неверојатни 46 поени во убедливата победа на Илиноис над Дјук од 99-78, со што испиша историја во една од најпознатите кошаркарски сали во САД.
Дуелот се одигра во „Камерон Индор“, домот на Дјук, а 22-годишниот Стојаковиќ го урна рекордот за најмногу поени постигнати од гостински кошаркар во оваа сала. Досегашното рекордно достигнување изнесуваше 43 поени и беше во сопственост на Грејди Волас од Јужна Каролина, кој го поставил во далечната 1957 година.
Стојаковиќ ја заврши средбата со 46 поени, шест скока и една асистенција, со одличен шут од поле – 14/21. Погоди два од трите обиди за три поени, а беше особено сигурен од линијата за слободни фрлања, реализирајќи 16 од 20 обиди. Уште на полувремето имаше 20 поени, а во продолжението ја продолжи доминацијата и ја предводеше екипата до убедлив триумф.
Илиноис, кој е рангиран на десеттото место во националниот поредок, така го совлада петтопласираниот Дјук на негов терен и му ја прекина серијата од 35 последователни победи во „Камерон Индор“. Гостите беа подобри и во скок-играта, со 54 наспроти 34, а постигнаа и 48 поени во рекетот.
Андреј беше главната ѕвезда на вечерта, но значаен придонес имаше и Квентин Колман со 27 поени. Кога Стојаковиќ го напушти теренот, нешто повеќе од една минута пред крајот, доби овации од присутните навивачи.
Младиот кошаркар, кој претходно настапуваше за Стенфорд и Калифорнија, сега ја игра својата последна колеџ-сезона во дресот на Илиноис. Со вакви партии го привлекува вниманието и на пошироката кошаркарска јавност, а презимето Стојаковиќ повторно станува едно од најспоменуваните во американската кошарка.


