Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги очекува нов европски предизвик, само два дена по поразот од Работнички во домашното првенство.
Македонскиот шампион гостува во Естонија, каде што од 18 часот ќе ги одмери силите со Тарту во натпреварот од седмото коло во групата Е.
„Штрковите“ се наоѓаат во тешка позиција, откако по шест одиграни натпревари сè уште немаат запишано победа. Аеродромци се последни на табелата, со шест порази, а она што се случуваше овие два дена не дава многу надеж дека нешто сериозно ќе се промени на овој натшревар. Во понеделникот навечер МЗТ Скопје играше со Работнички во домашното првенство, неколку часа подоцна тргна на исцрпувачки пат кон Естонија, преку Приштина, Виена и Рига, па денеска ќе мора да смогне сили за да се избори за колку-толку добар резултат. Дополнителен проблем прават повредите бидејќи со Работнички не играа Дамјан Стојановски и Андоноски, но барем тренер Србиновски ќе може да смета на сите странци во тимот.
Во првиот меч на овие две екипи во „Јане Сандански“, Тарту славеше со 95-92, иако македонскиот претставник имаше можност да стигне до позитивен резултат. Сепак, оттогаш работите се драстично изменети, МЗТ игра многу полошо, дојде и до тренерска смена, а шампионот на Македонија има седум порази на последните девет меча во сите конкуренции во кои настапува. Шанси за пласман во следната фаза повеќе не постојат, а тешко дека до крајот ќе биде спасена и честа со некоја победа.
Тарту, од друга страна, има две победи и четири порази и се наоѓа на петтото место во групата со осум бодови. Естонскиот состав во претходното коло загуби од Џики Варшава со 84-91, но викендов се врати на победнички патеки со триумфот од 70-67 на гостувањето кај Парну.
Натпреварот во Универзитетската спортска сала во Тарту започнува во 18 часот.


