Ненад Димитријевиќ одигра уште еден одличен натпревар во дресот на Арис и беше еден од најзаслужните за новиот европски триумф на грчкиот тим. Македонскиот репрезентативец забележа дабл дабл со 11 поени и дури 13 асистенции, во победата над француски Ле Ман од 96-86, во осмото коло од Еврокупот.
Димитријевиќ уште еднаш покажа колку значи за играта на тимот од Солун. Не се истакна само со реализацијата, туку пред сè со организацијата на нападите, постојано пронаоѓајќи ги соиграчите во поволни позиции. Со 13 успешни додавања беше диригент на играта на Арис, кој стигна до нов важен триумф пред своите навивачи. За малку не го достигна рекордот на Еврокупот оваа сезона по бројот на асистенции кој изнесува 15 на еден меч.
Македонскиот кошаркар особено се истакна во завршницата на третата четвртина, кога Ле Ман се закани сериозно да се врати во натпреварот. Французите успеаја да ја намалат негативата на само три поени (55-58), но Димитријевиќ презеде одговорност и помогна Арис повторно да се одлепи, па во последните десет минути домаќините влегоа со предност од 76-67.
Во последната четвртина главната улога ја презеде Метју Морган. Американецот со 23 поени беше најефикасен на натпреварот и со неколку важни реализации во финишот ја потврди победата на својот тим.
Покрај Димитријевиќ и Морган, значаен придонес дадоа и Адам Мокока со 17 поени и Џеремаја Робинсон-Ерл со 14.
Арис така ја продолжи одличната серија, стигнувајќи до четвртиот последователен триумф во сите натпреварувања. Солунскиот состав останува во горниот дел од табелата во групата А, а следниот голем предизвик ќе биде гостувањето кај Бургос на 9 декември.


