Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје се наоѓа многу блиску до назначување перманентен шеф на стручниот штаб по разделбата со Васко Атанасов.
Екипата привремено ја води Дејан Србиновски, но уште утре, по враќањето од Естонија, МЗТ би можел да добив нов тренер. Неофицијално, станува збор за српскиот стручњак Дејан Мијатовиќ кој, наводно, веќе е договорен со управата на клубот од Аеродром, но останува да се утврди дали ги исполнува критериумите за преземање македонски тим кои ги одреди Тренерската организација уште пред многу години.
Српскиот стратег има 58 години и долг тренерски стаж зад себе, а во кариерата работел во познати кошаркарски средини. Почетоците му се поврзани со Борац Чачак, каде што прво бил асистент, а потоа и прв тренер. Подоцна работел во ФМП, Ловќен, ОКК Белград, Вршац и Познањ, додека искуство стекнувал и во стручните штабови на Алба Берлин и Партизан. Последниот ангажман му беше во Борац, од каде што замина во јули 2024 година откако претходно обезбеди опстанок во АБА лигата. Со ФМП и Партизан, како асистент, освојуваше трофеи во Купот на Србија.
Најголемите успеси во неговата кариера, сепак, се поврзан со српските младински репрезентации. Мијатовиќ беше предводник на генерацијата до 18 години која во 2007 година стана европски шампион, а подоцна стигна и до две сребрени одличја на светските првенства за кошаркари до 19 години, во 2011 и 2013 година. Во 2014 година со селекцијата до 20 години освои бронза на континенталниот шампионат.
Ако дојде до договор, Мијатовиќ ќе има тешка задача да го врати во колосек разнишаниот тим на МЗТ Скопје. Со денешниот неуспех во Естонија, шампионот има осум порази на последните десет меча во сите натпреварувања, заостанува два бода зад лидерот Работнички во домашното првенство, а веќе ги загуби сите шанси за пласман во топ-16 од ФИБА Европа купот.


