Поминаа осум дена од смртта на Лазар Лечиќ, а се уште ниедна организација или институција, спортска или политичка, градска или државна… не се огласи и не се нафати да организира комеморација во негова чест.
Лазар Лечиќ не е кој било, тој е основоположник на кошарката и најголем кошаркарски великан во Македонија и најмалку што заслужува е на јавноста да ѝ биде прикажано или овозможено да се присети на она што го направи за овој спорт, како и за промоцијата на оваа држава. На кошарката ѝ го посвети целиот живот, речиси шест децении од своите вкупно 85 години беше во неа и остави длабока трага за што најдобар доказ беше одбележувањето на неговиот 80. роденден, во 2019 кога Скопје беше преполно со ѕвезди од просторот на поранешна Југославија, од Балканот и од Европа.
По редот на нештата, комеморација за Лечиќ би требало да направат Кошаркарската федерација на Македонија или Кошаркарските клубови Работнички и МЗТ Скопје. КФМ поради тоа што Лазо беше национален кошаркарски великан, Работнички поради тоа што, меѓу другото, доби дом, салата во Градски парк благодарение на него и го имаше во своите редови околу 20 години на разни позиции, а МЗТ Скопје бидејќи првпат под негово водство влезе во Прва лига на поранешна Југославија и го освои првиот трофеј во клупската историја.
Но, не е важно, комеморација може да организира кој било. Најсвеж пример ни беше смртта на Благоја Георгиевски во 2020 за кого комеморација организираа заеднички Кошаркарската федерација, Македонскиот олимписки комитет и Град Скопје при што беше отворена и книга на жалост. Лазар Лечиќ е роден скопјанец, целиот живот го поминал во него, освен периодите кога работел во други клубови и тука почина, на 13 август 2024 година, па не би било грев и Град Скопје да го организира тоа. Со оглед на тоа што доби неколку државни награди, можат да се сетат и државните институции или новоформираното Министерство за спорт. Кој било, само уште еднаш да се одбележи заминувањето на еден од најголемите великани во историјата на македонскиот спорт. Малку се такви луѓе како Лечиќ во земјава и имаме должност да се сеќаваме на нив и да им го оддадеме заслужениот респект.
Не е исклучено комеморација да е во подготовка, а КОШ.МК да не е запозната за тоа, но го контактиравме и семејството на Лечиќ и тоа немаше информација, ниту некој им соопштил дека ќе има такво нешто и кога би се одржало.


