АБА лигата, преку својот спортски директор Милија Војиновиќ упати јавно извинување до словенечката кошаркарска легенда Иво Данеу по непријатната епизода на вчерашниот натпревар меѓу Илирија и Босна.
Судиските анонимуси си дозволија да го избркаат Данеу од салата Тиволи затоа што не им се допаднал некој негов коментар. Словенецот е и југословенска легенда бидејќи пред 55 години, токму во Тиволи, стана светски шампион со репрезентацијата на СФРЈ.
„Прво сакам да истакнам дека ми е многу жал што дојде до овој непријатен настан. И покрај фактот што судиите постапуваа во согласност со своите овластувања, целосно ја разбирам горчината и реакциите до кои дојде во јавноста. Свесни сме дека се работи за човек кој многу ѝ даде на словенечката и светската кошарка и кој, на наше големо задоволство, е чест гостин на натпреварите од АБА лигата“, рече Војиновиќ и ја спаси честа на АБА лигата.
Данеу има 87 години, а по вчерашниот натпревар објасни дека не им кажал ништо лошо на судиските анонимуси, туку само дека имало чекори од еден кошаркар на Босна.


