АБА лигата во Љубљана приреди специјална свеченост посветена на најголемите имиња кои оставија трага во 25-годишната историја на регионалното натпреварување.
Настанот беше дел од одбележувањето на големиот јубилеј на лигата, која годинава прославува четврт век од своето основање. Во изминатите 25 години, натпреварувањето стана едно од најзначајните кошаркарски натпреварувања во регионот и изнедри голем број играчи, тренери и клубови кои оставија силен печат во европската кошарка.
Посебно внимание беше посветено на оние кои со своите настапи, трофеи и достигнувања ја градeа историјата на АБА-лигата. Меѓу најзначајните рекордери се Бранко Лазиќ, кој има дури седум шампионски титули, како и тренерите Душко Вујошевиќ и Дејан Радоњиќ, кои по петпати го освојувале регионалниот трофеј.
АБА-лигата низ годините беше и важна платформа за развој на голем број кошаркарски ѕвезди. Во неа своите први големи чекори ги направија или се афирмираа Никола Јокиќ, Горан Драгиќ, Бојан и Богдан Богдановиќ, Јусуф Нуркиќ, Милош Теодосиќ, Никола Пековиќ, Перо Антиќ, Дарио Шариќ, Ивица Зубац, Џанан Муса и уште низа познати имиња.
Во четврт век постоење, АБА-лигата имала 10 различни шампиони, а најуспешен клуб е Партизан со осум титули. Црвена звезда има седум, додека останатите трофеи ги освојувале Олимпија, Задар, ФМП, Хемофарм, Макаби, Цибона, Будуќност и Дубаи.
Меѓу индивидуалните рекорди се издвојува и Немaња Гордиќ како најдобар стрелец и асистент во историјата на лигата, Ален Омиќ како рекордер по скокови, додека Дејан Милојевиќ останува единствениот кошаркар со три МВП признанија.
Свеченоста во Љубљана беше потсетник на богатата историја на натпреварувањето, но и на фактот дека АБА-лигата продолжува да создава нови генерации кошаркарски ѕвезди и нови приказни.


