Собранието на АБА лигата денеска ги прифати предлозите од седницата која почна уште на 2 април.
Тоа значи дека во иднина место досегашните 16, ќе учествуваат 20 екипи, половина од нив можат да бидат од иста држава, за разлика од сега кога се дозволени максимум шест, а најголема добивка од тоа може да има Србија која на кошаркарски план е најразвиена во регионот. Сепак, со оваа одлука се отвора прашањето кој ќе ги пополни четирите празни места.
Извесно е дека нема да има испаѓање од елитата, односно дека Морнар ќе се спаси и покрај тоа што игра катастрофално, една екипа ќе влезе од АБА 2, а дилема се другите три. Последниот период имаше интерес од многу европски градови и клубови што би можело да биде најава за ново географско проширување на лигата.
Последните одлуки се и во интерес на МЗТ Скопје чие раководство испратило барање за влез на македонскиот првак во АБА лигата. Решенијата за тоа веројатно ќе се носат по завршувањето на сезоната.


