Раководството на АБА експресно реагираше и најде замена за Вршац кој во текот на вчерашниот ден преку соопштение го откажа својот настап во втората лига од регионалното натпреварување.
На местото на овој тим влегува КК Џокер од Сомбор, клуб кој е во сопственост на еден од најдобрите кошаркари во светот во моментов Никола Јокиќ. Претходно и Слобода Ужице одби да игра во АБА 2 бидејќи требаше да плати 25 илјади за специјална покана, па Џокер ја искористи можноста првпат во својата кратка историја да заигра на меѓународна сцена.
Клубот е формиран во 2002 година под името СО Кош, а во 2017 година го презема Јокиќ и го менува брендот во Џокер, како што е прекарот на кошаркарот на Денвер Нагетс. Два пати во претходните четири години учествуваше на завршницата од Купот на Србија, а оствари и значајни резултати во српските лиги.
Тренер на екипата е поранешниот предводник на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, а Џокер во АБА 2 лигата ќе биде во групата во која се наоѓа и македонскиот вицешампион Пелистер. Своето деби на меѓународна сцена, клубот од Сомбор ќе го запише на 2 октомври кога гостува на Подгорица.


