Македонскиот првак МЗТ Скопје денеска од 20 часот го игра првиот четвртфинален натпревар од АБА 2 лигата против Широки.
Од оваа сезона променет е системот на натпреварување во регионалната лига, се игра по системот дома-гости и не на добиени натпревари, туку на вкупна кош-разлика. Поради тоа, на македонскиот шампион му е потребна што поубедлива победа за (по)мирен реванш за седум дена во Широки Бријег.

Двете екипи се сретнаа пред нешто повеќе од две недели, во последното коло од основниот дел на сезоната, исто така на теренот на Широки и тогаш славеше босанскиот претставник што му ја донесе четвртата позиција на табелата. Сепак, МЗТ Скопје на неколку натпревари оваа натпреварувачка кампања покажа дека поседува квалитет за да се бори за највисок пласман, особено на оној меч против Војводина во Нови Сад кога го совлада еден од најдобрите тимови во лигата. Васко Атанасов ќе има проблем под кошевите поради неиграњето на искусниот центар Бојан Крстевски, но нема сомнение дека останатите кошаркари ќе го дадат максимум за што подобар резултат.
Управата на МЗТ Скопје одлучи да ги отвори вратите за навивачите за првиот меѓународен натпревар на домашен терен по пауза од една година. Влезот ќе биде слободен поради што се очекува арената „Јане Сандански“ да биде исполнета до последното место.


