Екипата на МЗТ Скопје го одигра својот најдобар натпревар сезонава во АБА 2 лигата и убедлибо ја совлада Јахорина од БиХ со 96-77.
Дека ова е најдобро издание на аеродромци, најдобар доказ е фактот дека постигнатите 96 поени се и најмногу кои тимот од Аеродром ги постигна сезонава во регионалното натпреварување. Се му одеше од рака на нашиот тим кој почна со одличен шут, а заврши со атракции.
Гостинскиот тим некако се одржуваше во игра во првата четвртина во која МЗТ Скопје го диктираше темпото, но гостите во неколку наврати дојдоа до водство. Разликата во квалитет почна да се одразува кон средината на вториот период кога МЗТ почна да ја зголемува предност, а во финишот од полувремето првпат таа беше двоцифрна (52-41). Во тоа прво полувреме македонскиот првак постигна вкупно 57 поени, вклучувајќи 11 тројки.
На почетокот од вториот дел Јахорина се закани дека може да го направи интересен натпревар и се доближи на 55-62, но следуваа седум поени по ред на Дамјан Стојановски за ново убедливо водство. Со тоа дефинитивно беше скршен отпорот на гостите кои до крајот залудно се обидуваа да се изборат за поприфтлив пораз.
Фантастично одигра Илајџа Мекејден кој постигна 28 поени, плус седум асистенции и пет скока за индекс 37 со кои многу веројатно ќе конкурира за МВП на колото во АБА 2. Гил додаде 19 поени, а Дамјан Стојановски 13. Пред МЗТ Скопје е речиси едномесечна пауза, а на 17 декември го очекува тешко гостување кај поранешниот шампион на АБА 2, Златибор.


