Највисокиот играч во македонската репрезентација Теодор Симиќ очекува добра игра и продолжување на победничката серија на денешниот меч против Азербејџан.
Кошаркарот на Кожув, заедно со Итан Хап, треба да биде носител на играта под кошевите и да се обиде да ги неутрализира противничките центри. Пред мечот, 22-годишниот кошаркар ги пренесе своите очекувања.
„Очекувам цврст и интересен натпревар против Азербејџан. Клучот ќе биде во цврстата одбрана, контролата на скокот и паметната реализација во нападот. Предност ќе имаме во транзициона игра бидејќи се работи за поспора екипа од нашата. Атмосферата во тимот е одлична, а соработката со новиот селектор носи свежа енергија и нови идеи во нашата игра. Се трудиме брзо да ги прифатиме неговите замисли и верувам дека тоа ќе го покажеме и на утрешниот натпревар. Ако играме како тим и останеме фокусирани сите 40 минути, можеме да дојдеме до позитивен резултат“, рече Симиќ.


