Бајката од пред две години кога го водеше Бурсаспор, сезонава му се повторува на Душан Алимпијевиќ на клупата на Бешикташ.
Турскиот тим обезбеди пласман во полуфиналето од Еврокупот откако со спектакуларен пресврт славеше на гостувањето кај Хапоел Тел Авив во Литванија (Хапоел игра како домаќин во Вилнус) со 94-89. Израелците водеа со 21 поен разлика во втората четвртина (47-26), Бешикташ успеа да намали на 38-49, но Хапоел го одби тој удар и на полувреме замина со 57-39.
Сепак, третиот период гостите го отворија со 14-1, а големиот пресврт го комплетираа во последните десет минути. Пласманот меѓу четирите најдобри е најголем успех на Бешикташ кога станува збор за учествата во Еврокупот.
Интересно е тоа што и на овој, а и на осминафиналниот натпревар против Гран Канарија, Бешикташ беше во улога на гостин. Со тоа, за Алимпијевиќ се повтори сезоната 2021/22 кога, како тренер на Бурсаспор ги елиминира Партизан, Олимпија и Андора, сите како гости и влезе во големото финале од Еврокупот за историски успех на овој клуб. Оваа сезона полуфиналето се игра до две победи, но Бешикташ пак нема да ја има предноста на домашниот терен бидејќи ќе се сретне со францускиот Бурж кој беше најдобар во групата Б во првата фаза од Еврокупот.


