Македонскиот репрезентативец Амар Хот направи голем чекор во кариерата и од следната сезона ќе настапува во американската колеџ-кошарка.
Младиот кошаркар е нов член на East Texas A&M University, каде што ќе игра во Саутленд конференцијата, во рамките на НЦАА.
Хот зад себе има одлична сезона во македонското првенство, каде што го носеше дресот на Маџари. Тимот направи историски успех во својата дебитантска сезона и стигна до големото финале, во кое на крајот го освои второто место. Во текот на сезоната, Хот одигра 32 натпревари, со просек од 13,9 поени по натпревар, а беше еден од најдобрите скокачи во лигата.
Сега за него следува нов предизвик преку Атлантикот. East Texas A&M е универзитет од Комерс, Тексас, а кошаркарската екипа настапува во Саутленд. Во последната сезона тимот заврши со учинок од 11 победи и 21 пораз, односно 6-16 во конференцијата.
Ова лето, плејада македонски кошаркари заминаа во НЦАА што значително ќе влијае на квалитетот во домашното првенство. Пред Хот, „преку барата“ се преселија и Марин Петков, Андреј Митревски, Марко Луканоски, Теодор Симиќ, Димитар Зетов итн.


