Никола Јокиќ повторно се најде во центарот на вниманието на американската спортска јавност, но овојпат не поради некој спектакуларен настап, туку поради критиките за неговиот почеток на новата НБА-сезона. Иако српскиот центар и понатаму бележи одлични бројки, дел од американските новинари сметаат дека неговите најдобри денови можеби се зад него.
На првите пет натпревари од сезоната, 31-годишниот кошаркар на Денвер Нагетс има просек од 21,2 поени, 9,8 скока и 9,2 асистенции по натпревар. Бројки за почит за речиси секој кошаркар во лигата, но за играч кој во последните години доминираше во НБА, американските аналитичари очигледно имаат повисоки очекувања.
Особено внимание привлече коментарот на новинарот Марк Кизла од „Денвер Газет“, кој се запраша дали Јокиќ веќе ја освоил последната МВП награда во својата кариера и дали на крајот ќе остане на трите признанија за најкорисен играч во НБА. Кизла посочува дека просекот на Јокиќ од 21,2 поени е најнизок од сезоната 2019/20, односно од периодот пред почетокот на неговата доминација во трката за МВП-признанијата.
„Трендовите не можат да се утврдат врз основа на само пет натпревари во долгата НБА сезона. Сепак, вреди да се обрне внимание на фактот дека Нагетс се обидуваат да го променат или барем да го приспособат својот идентитет. Иако Јокиќ и понатаму е машина за трипл-дабл, неговиот просек на поени падна на 21,2 по натпревар“, наведува американскиот новинар.
Тој отвора и прашање дали Денвер можеби ќе биде поопасен тим доколку не се потпира толку многу на поентерскиот учинок на својот најдобар кошаркар. Сезоната Јокиќ ја започна со само 13 поени против Оклахома Сити, но веќе на следниот натпревар против Њу Орлеанс одговори со спектакуларен трипл дабл од 35 поени, 15 скока и 10 асистенции. На следните три средби постигна 19, 21 и 18 поени.
Дополнителна причина за критиките се и неговите проценти на шут. По првите пет натпревари, Јокиќ шутираше со 47,7 проценти од поле, додека зад линијата за три поени имаше реализација од само 20,8 проценти, што според објавените податоци е најслабиот учинок во неговата кариера.
Сепак, станува збор за почеток на сезоната и мал примерок од натпревари, па прерано е да се извлекуваат заклучоци за формата на српскиот центар или за неговите шанси повторно да се бори за МВП-наградата. Јокиќ во изминатите години освои три МВП признанија и една шампионска титула со Денвер, а неговиот статус меѓу најдобрите кошаркари во светот е изграден врз континуитетот на врвни настапи.


