Последните години реткост е Американците да извадат квалитетен млад кошаркар, па не е чудо што во репрезентацијата на САД главни се ветераните, а во НБА доминираат европските играчи.
Американците и натаму се најдобри на светските младински првенства, но играчите потоа не можат да се снајдат во сениорската кошарка. Можеби тоа наскоро ќе се смени ако се остварат прогнозите за големите таленти кои доаѓаат. Прв меѓу нив е Еј Џеј Дибантса, средношколец кој во јануари ќе наполни 18 години, а уште сега објави дека идната сезона ќе настапува на Универзитетот Бригам Јанг.
Дибантса е проектиран како прв пик на НБА драфтот во 2026 година, а претходно една сезона ќе помине во НЦАА. Иако имаше понуди од врвните американски универзитети, се одлучи за малку познатиот Бригам Јанг (BYU) кој нема звучни резултати во минатото, но од оваа година, прв тренер на екипата е поранешниот асистент во Филаделфија и Феникс, Кевин Јанг. Токму тој е и главната причина што Дибантса одлучил да ја прифати понудата од Бригам Јанг.
„На Универзитетот Бригам Јанг ќе го имам цел стручен штаб, од главниот тренер, па до неговите помошници, од НБА лигата. Тренерот Јанг го тренираше мојот омилен играч Кевин Дурант, како и Девин Букер и двајцата имаа само пофалби за него“, изјави Дибантса.
Она што е најинтересно за него е што има договори за имиџ за над 5 милиони долари (некои тврдат дека изнесуваат седум милиони) што е огромна сума за 18-годишник. НЦАА во 2021 година им овозможи на студентите да потпишуваат вакви договори и да го продаваат својот бренд што порано не беше дозволено. За споредба, најплатениот играч во Евролигата оваа сезона, Александар Везенков има годишна плата од 3,7 милиони евра.


