Денеска на Олимписките игри се четвртфиналните натпревари од кошаркарскиот турнир во машка конкуренција, а тие нудат неколку интересни пресметки.
Пред стартот на нокаут фазата, американските медиуми направија детална анализа на она што се случуваше досега и ги истакнаа своите очекувања за завршниот дел од Олимписките игри. Новинарот на ЕСПН, Брајан Вајндхорст изрази чудење за стилот на игра на српската репрезентација и смета дека Никола Јокиќ не е доволно искористен.
„Луди работи се случуваат овде. Да речеме, Никола Јокиќ во Денвер има поважна улога од онаа која му е наменета во српската репрезентација. Лично, мислам дека тоа е лудо. Тој игра само 27 минути бидејќи нивниот селектор е стара, стара, баш стара школа. Тој преферира систем, тоа е српскиот начин на функционирање. Можеби најдобро е топката да биде 98% кај Јокиќ, но не, српскиот систем е поинаков и тие се држат до тоа“, анализира Вајндхорст.
Сепак, тој смета дека српската репрезентација уште не го извадила максимумот од себе и дека крие некој адут за завршницата.
„Мислам дека Србија има некоја разработена тактика, мислам дека кријат нешто, дека се трудат да не ни откријат се нам Американците, а ако играме повторно, ќе извлечат некој ас од ракавот“, додава Вајндхорст.
Можно е САД и Србија да се сретнат повторно во полуфиналето од Олимписките игри, но за да се случи тоа, Американците треба да го победат Бразил, а Србите да бидат подобри од Австралија.


